Лилард сезонава не одигра ниту минута, ама по третпат стана најдобар тројкаш во НБА (ВИДЕО)

Саботната вечер на НБА Ол-стар викендот во Лос Анџелес беше резервирана за три натпреварувања – шутирање тројки, новото натпреварување „Ѕвездите шутираат“, а како круна на програмата требаше да биде пресмектата во забивања.

Но, сакале или не, најмногу возбудувања и неизвесност имаше токму на почетокот. Осум кошаркари се натпреваруваа во шутирањето тројки, а победата повторно заврши кај Демијан Лилард. Плејмејкерот на Портланд Трејлблејзерс, кој сезонава нема одиграно ниту минута поради повреда, ја освои својата трета титула во ова натпреварување, потврдувајќи дека е еден од најдобрите шутери на својата генерација. Голема шанса пропушти ѕвездата на Феникс санс, Девин Букер, кој во финалната рунда требаше да ги надмине 29-те поени на Лилард, но застана на два помалку. Промаши три обиди со „шарената“ топка, а само еден погодок ќе му донесеше продолжение. До финалето стигна и дебитантот на Шарлот, Кон Кнупел, кој по одличната прва серија со 27 поени, во финалето потфрли и постигна само 17.

Најмалку внимание привлече новото натпреварување наречено „Ѕвездите шутираат“, кое годинава се играше во тимски формат, со активни и поранешни кошаркари. Титулата ја освои „Тим Никс“, составен од Карл-Ентони Таунс и Џејлен Брансон, заедно со поранешната легенда Алан Хјустон, додека улогата на додавач ја имаше таткото на Брансон, Ник Брансон. Во финалето тие беа подобри од тимот во кој настапија Џејлен Џонсон, Кон Кнупел и 46-годишниот Кори Меџет. Натпреварувањето се состоеше од шутеви од седум позиции, при што од седмата – од центарот – се шутираше сè додека не истече времето. Секоја позиција носеше различен број поени, а „Никси“ со 47 поени во финалната рунда беа значително подобри од противниците, кои собраа девет поени помалку.

ФОТО: EPA PHOTO