Надал: Готово е – Ѓоковиќ никогаш нема да го освои 25-тиот гренслем-трофеј!

Легендарниот шпански тенисер, Рафаел Надал, изјави дека поразот на Новак Ѓоковиќ во финалето на Австралија опен практично ги загубил сите шанси за освојување на 25. гренслем-титула, но потенцирање дека тенисот не треба да се гледа исклучиво низ призмата на победите.

Иако официјално ја заврши својата блескава кариера кон крајот на 2024 година, Надал и понатаму е активно присутен во спортот. Пред десетина дена престојуваше во Мелбурн, каде во живо го следеше финалето меѓу Ѓоковиќ и Карлос Алкараз, а по хуманитарниот голф-турнир во Мадрид изнесе прилично песимистичка прогноза за трката на српскиот ас по нов историски рекорд.

„Готово е. Не мислам дека тенисот треба да го анализираме само според тоа кој победува. Имаше шанса во Мелбурн, но во оваа фаза од неговата кариера, искрено, не му останаа уште многу можности. Сепак, сè што тој постигнува е апсолутно за почит“, изјави Надал.

Шпанецот зборуваше и за сопственото чувство по завршувањето на кариерата, истакнувајќи дека заминал во вистинскиот момент.

„Се чувствувам смирено, без никакви чудни емоции. Моето време заврши токму онака како што требаше. Ја продолжив кариерата подолго отколку што некогаш можев да замислам. Денес сум целосно среќен кога ги гледам моите колеги како успеваат и, на некој начин, уживам во нивниот успех“, додаде Надал.

Ѓоковиќ и Надал во текот на 18 години ривалство одиграа 60 меѓусебни натпревари, а српскиот тенисер има две победи повеќе во директните дуели – ривалство кое засекогаш ќе остане едно од најголемите во историјата на спортот.

ФОТО: EPA PHOTO