Резервистите на Шкендија во финишот ја „скршија“ Струга, Тиквеш го распарче Шкупи (ВИДЕО)

Фудбалерите на Шкендија со силен финиш го добија дербито на 17. коло во Првата лига совладувајќи ја на домашен терен екипата на Струга (2-0), освојувајќи исклучително важни бодови во борбата за највисок пласман.

Продолжувањето на првенството донесе дуел меѓу второ и третопласираниот тим, во кој домаќинот покажа повеќе трпение и квалитет во завршницата. Првото полувреме мина во умерено темпо, со игра главно на средината од теренот. Шкендија ја имаше најдобрата серија шанси пред паузата – Тамба беше блокиран по удар откосо, Бесарт Ибраими промаши зицер од три метри, а Мелиќи со глава беше непрецизен по корнер.

Тетовци во продолжението ја зголемија иницијативата, но Струга долго време одолеваше со дисциплинирана одбрана. Триумфот беше најавен во 79. минута, кога по одбиената топка од ударот од далечина на Ибраими, Трумчи асистираше, а Себастијан Спахиу лесно реализираше за 1-0. Само девет минути подоцна, победата беше запечатена. Новото засилување Фахд Нзенгуе, кој зимава пристигна од Брера, го постигна својот деби-гол во првиот официјален настап за Шкендија и ги постави конечните 2-0. До крајот на натпреварот, Шкендија рутински ја сочува предноста и впиша три огромни бода. По ова коло, составот од Тетово има 39 бодови, два помалку од Струга и три зад Вардар, кој својот натпревар од колото допрва ќе треба да го одигра.

Вториот меч донесе игра на „мачка и глушец“ во кој Тиквеш како „гостин“ во Кавадарци го растури распаднатиот Шкупи (6-0).