„Франција има три различни тима кои би можеле да станат светски шампиони!“

Напаѓачот Кристофер Нкунку со пофални зборови зборуваше за своите соиграчи во Милан, но и за силата на француската репрезентација, за која смета дека би можела да биде конкурентна на Светското првенство дури и со три различни состави.

Во интервју за „Газета дело Спорт“, 28-годишниот Французин посебно ги истакна Адриен Рабио и Мајк Мењон, со кои ја дели и национална соблекувална. Според него, Рабио игра еден од најдобрите периоди во кариерата и сега има поофанзивна улога под водство на Масимилијано Алегри.

„Адриен отсекогаш бил одличен, можеби сега е само порешителен. Има феноменален удар, трча неверојатно многу и може да игра по 90 минути секој ден бидејќи никогаш не се заморува. Тој е ѕвер, во пикот на кариерата, без лимити, секогаш дава максимум на теренот и надвор од него“, изјави Нкунку.

Францускиот напаѓач не ги штедеше комплиментите ниту за голманот Мењон, кој неодамна го продолжи договорот со Милан и е еден од клучните играчи во Серија А. Тој сезонава одбрани пенали против Интер и Рома, а Нкунку призна дека и на тренинзи дуелите меѓу нив се неизвесни.

„Би рекол дека е 50-50 кога шутирам пенал против него. Мајк ни донесе многу бодови, тој е вистински лидер во соблекувалната, сите го слушаат кога зборува. Секогаш мисли на тимот како вистински капитен. Откако го продолжи договорот, сите сме помирни и тоа е одлична вест за клубот“, додаде Нкунку.

Нкунку го пропушти СП 2022 во Катар поради повреда добиена непосредно пред турнирот, но сега се надева дека ќе биде дел од селекцијата на Дидие Дешан за Светското првенство во САД, Канада и Мексико.

„Не зборуваме многу за Мундијалот, фокусирани сме на победите со Милан. Турнирот е за три-четири месеци, а ако даваме максимум за клубот, шансите за повик ќе бидат поголеми“, објасни тој.

На крајот, Нкунку ја нагласи длабочината на францускиот фудбал.

„Имаме толку многу квалитетни играчи што можеме да испратиме три различни репрезентации и секоја од нив да биде конкурентна и способна да победи. Младинските школи работат одлично“, порача напаѓачот.

Светското првенство започнува на 11 јуни, а Франција ќе игра во група со Сенегал, Норвешка и победникот од меѓуконтиненталниот плејоф во кој учествуваат Суринам, Боливија и Ирак.