Ноле брутално искрен по „подарениот“ триумф: Бев на пат кон дома – жал ми е за Мусети!
Српскиот тенисер не го криеше разочарувањето од начинот на кој заврши мечот, искрено признавајќи дека Италијанецот бил далеку подобар ривал на теренот и дека исходот не бил резултат на неговата игра.
„Навистина не знам што да кажам, многу ми е жал. Тој беше многу подобар, јас практично веќе бев на пат кон дома. Да имаш таква контрола и водство од два сета… Му посакувам брзо закрепнување и што поскоро враќање на терените“, изјави Ѓоковиќ.
Србинот детално се осврна и на самата игра, потенцирајќи дека неговата тактика функционирала само накратко, по што целосно се распаднала.
„Имав неколку добри гејма, но и околу 40 неизнудени грешки. Мусети е таков играч – кога го напаѓате, не знаете што ќе следи, долга или скратена топка. Искрено, не знам што да очекувам понатаму. Во претходната рунда противникот се откажа, сега бев во негатива од два сета. Ќе се молам и ќе се подготвувам за следниот меч. Не сум задоволен од мојата игра, но има и такви денови. Се надевам дека за два дена ќе бидам многу подобар“, додаде Ѓоковиќ.
За српскиот ас ова е втор последователен меч на турнирот во кој минува во следната рунда без класична победа на теренот. Негов ривал на патот кон финалето во Мелбурн ќе биде подобриот од последната четвртфинална пресметка меѓу Бен Шелтон и Јаник Синер.