Македонија ја загуби битката големиот талент на Гецтепе – одбрал да игра за Турција!

Македонскиот репрезентативен фудбал речиси сигурно останува без исклучително талентираниот Арда Окан Куртулан (23 години), кој решил да ја одбие понудата од нашата Куќа на фудбалот, но и од албанската и да почека повик од селекторот на Турција.

Ова денеска го пишуваат неколку турски медиуми, кои потенцираат дека Куртулан игра во феноменална форма оваа сезона, во која на 18 средби постигна еден гол со три асистенции, меѓу кои е и вчерашната за сензационалното реми на Гецтепе на гостувањето кај големиот фаворит Фенербахче (1-1). Неговата моментална вредност според Трансфер маркет изнесува 2,5 милиони евра.

Тој има настапи за младинските селекции на Македонија до 19 годишна возраст, но потоа прави „трансфер“ па одигрува неколку средби за репрезентацијата на Албанија до 21 година. Поради тоа, нашиот западен сосед се понадеваа дека ја добиле битката со ФФМ, но на крајот двете федерации ќе останат без Куртолан, кој сака исклучиво да игра за Турција, каде што живее со семејството и каде што всушност е и роден. Претходно во кариерата има настапувано за Фенербахче, Аданаспор, Беледијеспор и Дијарбакирспор.