Ѓоковиќ без борба во четвртфиналето - противникот се „предаде“!

Новак Ѓоковиќ се пласираше директно во четвртфиналето на Австралија Опен откако неговиот противник од осминафиналето Јакуб Меншик го предаде својот меч без борба.

Меншик одлучи да се повлече од турнирот поради повреда, а одлуката ја објави преку својот Инстаграм профил.

„Тешко е да се напише ова. Откако направивме сè што можевме за да продолжиме, морам да се повлечам од Австралија Опен поради повреда на стомачниот мускул која се влошуваше во последните неколку натпревари. По долги разговори со мојот тим и лекарите, донесовме одлука да не играм утре. Иако сум разочаран, пласманот во четвртото коло тука за првпат е нешто што ќе го носам со себе долго време. Ја почувствував огромната енергија на публиката и атмосферата во Мелбурн беа навистина посебни“, напиша Меншик.

Тој можеше да биде сериозен предизвик за Ѓоковиќ, откако го победи на Мастерсот во Мајами минатата година, но ќе почека друга можност за судир. Србинот оди директно во четвртфиналето, ќе има пауза од четири дена и ќе го чека победникот од дуелот меѓу Лоренцо Музети и Тејлор Фриц, деветтиот и петтиот носител.