Вардар ја почна потрагата по наследникот на Гоце Седлоски
Гоце Седлоски во моментов има двојна функција, тренер на Вардар и селектор на Македонија. Таквата ситуација ќе прекине на лето, па клубот почна потрага по негов наследник.
Извршниот директор на клубот, Миленко Неделковски во Анталија потврди дека почнати се разговори со тренери и странци но и домашни.
„Разгледуваме и странски и домашни опции. Преговаравме со тренер кој во меѓувреме стана селектор на Словенија, и со вториот странец со кој имавме разговори исто така прифати селекторска функција. Па прашањето е отворено. Има и двајца домашни тренери кои се опција. Во наредниот период треба да го решиме тоа прашање. Планот е Седлоски да ги одработи и летните подготовки и да биде тука за првите квалификациски кола, а потоа од август да го напушти кормилото“, рече Неделковски на денешниот брифинг со новинарите во Анталија.