Е*ете се сите: Руска тенисерка со сочна пцовка ја поздрави публиката во Мелбурн - (ВИДЕО)

Руската тенисерка, Мира Андреева, стана центар на внимание на Австралија опен, но не само поради убедливата игра, откако по победата над Гркинката Марија Сакари (6-0, 6-4) во второто коло, еден краток гест и нејзините зборови упатени кон трибините предизвикаа дебата меѓу тениските фанови.

По последниот поен, 18-годишната Андреева ѝ аплаудираше на публиката и мавташе кон трибините, а видеото од тој момент експресно стана вирално на социјалните мрежи. Дел од навивачите се убедени дека таа рекла „thank you all“ (фала ви на сите), додека други тврдат дека од нејзините усни се чита сочната пцовка „fuck you all“ (е*ете се сите). Дополнително масло на огнот долеа и контекстот на мечот. Сакари имаше силна поддршка од грчките навивачи, што не е изненадување ако се знае дека Мелбурн има една од најголемите грчки заедници надвор од Грција. Андреева и самата по мечот призна дека атмосферата била жестока.

„Беа гласни и многу ја поддржуваа Марија. Кога таа освои неколку гемови по ред, навистина се разгореа“, изјави младата Русинка, што кај дел од фановите отвори сомнеж дека контроверзната реплика била реакција на агресивната поддршка од трибините.

Без разлика на тоа што точно кажала, Андреева продолжува со одличните настапи во Мелбурн. Осмата носителка во следното коло ќе игра против Елена-Габриела Русе, а зад себе веќе има импресивно „си-ви“ - осминафинале на Австралија опен во 2024 и 2025 година, полуфинале на Ролан Гарос во 2024 и олимписко сребро во женски двојки во Париз.

ФОТО: EPA PHOTO