Ако Трамп го нападне Гренланд: Европа ќе го бојкотира Мундијалот во САД!

Светското првенство кое треба да се одржи летово во САД, Мексико и Канада, би можело да се соочи со сериозна политичка сенка, откако дел од европските медиуми најавуваат можен бојкот на Мундијалот доколку се продлабочат кризата околу статусот на Гренланд и односите меѓу Европа и САД.

Во фокусот повторно е американскиот претседател Доналд Трамп, чии изјави и најави за можно преземање на Гренланд, територија под суверенитет на Данска, предизвикаа бурни реакции на европско тло. Според неофицијални информации што кружат во јавноста, во случај на ескалација, селекциите од Германија, Англија, Франција и Шпанија би можеле да размислуваат за радикален чекор – бојкот на шампионатот што ќе се игра на американско тло.

Европските медиуми оценуваат дека таков потег би претставувал силна политичка порака, но и директен удар врз имиџот на Трамп, особено ако се земе предвид значењето што тој му го придава на глобалните настани организирани во САД. Историјата повеќепати покажа дека спортот и политиката тешко се раздвојуваат, без оглед на официјалните декларации дека тие треба да функционираат одвоено. Големите спортски настани често биле користени како алатка за политички пораки, притисоци или демонстрација на моќ, а сè погласните најави за можен бојкот на Мундијалот 2026 само ја потврдуваат таа пракса.

Иако засега сè останува на ниво на шпекулации и медиумски анализи, евентуален бојкот од европските селекции би претставувал сериозен удар за кредибилитетот и значењето на Светското првенство, настан кој традиционално треба да биде симбол на глобално единство и спортски фер-плеј.

ФОТО: EPA PHOTO