Серафимов долго ќе има кошмари поради бизарната грешка на крајот од мечот (ВИДЕО)

Малку недостасуваше Македонија да дојде до победа во дуелот со Португалија и драстично да си ги зголеми шансите за пласман во главната фаза од Европското првенство.

Нашата репрезентација успеа да се врати од -5 во второто полувреме и во драматичниот финиш да дојде во ситуација да се бори за победа. Можеби клучниот момент се случи на 20-тина секунди пред крајот, а во главна улога беше бекот на Алкалоид, Мартин Серафимов.

По акцијата од лево крило на Португалците, Мартин Томовски одбрани зицер, топката се одби кон аголот од игралиштето и Серафимов имаше можност да ја прифати и да почне акција на нашата репрезентација. Место тоа, таа му испадна од раце и заврши во корнер, па Португалците неочекувано добија можност да организираат напад за триумф, но за среќа не успеаја да упатат удар.

Серафимов беше неутешен по мечот, впечаток е дека дури и се расплака и се покри со пешкирот, но тоа може само да му биде поголем мотив да одигра најдобро што може во последното коло против Романија.