ЕХФ не ни верува: На Македонија ѝ се даваат мизерни шанси да ја мине групата (ФОТО)

Македонската ракометна репрезентација ја исполни примарната цел со обезбедениот пласман на ЕП 2026, но анализите покажуваат дека шансите за продолжување во следната фаза се речиси мизерни.

Според проценките на Европска ракометна федерација (ЕХФ), жолто-црвените имаат само 8,9 отсто изгледи да ја мине групната фаза. Ждрепката ја смести нашата селекција во силна група, заедно со Данска, најдобриот светски тим во моментов, Португалија и Романија, поради што просторот за некакво изненадување е минимален. Во објавената анализа, на македонскиот национален тим не му се даваат реални шанси за пласман во четвртфиналето, ниту за настап на завршниот викенд од шампионатот.

Пониски проценти за пласман понатаму имаат само Грузија, Фарски Острови, Романија, Италија и Украина, што јасно ја позиционира Македонија во долниот дел од прогнозите. Во истата анализа, Данска и Франција се издвојуваат како главни фаворити за освојување на златниот медал на континенталниот собир.

Според форматот на натпреварување, двете најдобро пласирани репрезентации од секоја група ќе обезбедат место во главната групна фаза, додека вкупно 12 селекции ќе го завршат настапот уште по групниот сегмент од Европското првенство.