Бизарен спектакл во Мелбурн: Аматер ги победи најдобрите во светот и освои 576.000 евра!
Форматот беше речиси неверојатен: секој меч се решаваше со еден единствен поен. Нема сетови, нема гемови, нема простор за поправка – еден лош удар и надвор си. Токму тоа го претвори турнирот во вистинска лотарија, во која учествуваа 48 тенисерки и тенисери. Она што дополнително ја нагласи бизарноста е списокот на учесници. На ист терен настапија некои од најдобрите тенисери и тенисерки на денешницата – Карлос Алкарас, Јаник Синер, Александар Зверев, Данил Медведев, Андреј Рубљов, како и Ига Швјонтек, Коко Гоф, Марија Сакари, Џејсмин Паолини и Аманда Анисимова – но и аматери, локални играчи и јавни личности од Австралија.
И токму тука дојде најшокантниот момент. Победник на турнирот стана Џордан Смит – аматер кој во својата кариера има заработено вкупно околу 7.000 долари, а на овој турнир, во конкуренција на светската елита, стигна до главната награда од еден милион австралиски долари, односно околу 576.000 евра. Смит на патот до трофејот елиминираше и врвни професионалци, меѓу кои и Синер, што уште повеќе ја засили сензацијата и ја потврди апсурдноста на форматот – на турнир каде што сè зависи од еден поен, разликата меѓу аматер и светска ѕвезда практично исчезнува.