Легендите го спасуваат Јунајтед: Руни се враќа во Манчестер во – неочекувана улога!
Керик, според најавите, наскоро треба да биде именуван за привремен тренер на „ѓаволите“, а Руни, кој е без ангажман по отказот во Плимут Аргајл, јавно порача дека е подготвен да му се приклучи.
„Секако дека би се вратил. За тоа не треба ни да се размислува. Не молам за работа, само да биде јасно. Но, ако ме повикаат – нормално дека би прифатил“, изјави Руни во својот подкаст на Би-Би-Си.
Керик се очекува да добие предност во однос на Дарен Флечер и Оле Гунар Солскјер, а заедничко за тројцата е тоа што одиграа стотици натпревари за Јунајтед во златната ера на клубот во Премиер лигата. Руни смета дека ангажирањето тренери кои немаат длабока врска со клубот не дало резултати, алудирајќи на периодите со Рубен Аморим, Ерик тен Хаг, Ралф Рангник и Луј ван Гал.
„На клубот му требаат луѓе кои го познаваат Манчестер Јунајтед, кои се грижат за него и знаат што значи да се носи овој дрес“, истакна легендарниот напаѓач.
Тренерската кариера на Руни досега не донесе поголеми успеси. На 40-годишна возраст веќе водеше четири клуба – по заминувањето од Дерби Каунти во 2022 година, тој го напушти и Ди-Си Јунајтед во 2023 година, а ангажманите во Бирмингем Сити и Плимут завршија со брзи откази – вкупно само 40 натпревари. И покрај тоа, тој не крие дека сака да се врати во тренерската професија.
„Би сакал повторно да работам, но тоа мора да биде вистинскиот клуб. Немам проблем да работам и со тим до 21 година – сè уште сум доволно млад за да учам и да се развивам“, изјави Руни.
Во меѓувреме, Керик ги договара последните детали пред официјалното назначување и се очекува да го комплетира својот стручен штаб, откако целиот тим на Аморим го напушти клубот. Останува да се види каква ќе биде идната улога на Флечер, кој неодамна го водеше тимот против Барнли во Премиер лигата и Брајтон во ФА Купот, но можно е да се врати на работа со младинските категории.
ФОТО: EPA PHOTO