Реми на Македонија - без пораз во Швајцарија патуваме на ЕП!

Македонската ракометна репрезентација ремизираше против Швајцарија (29-29) и така без пораз го заврши подготвителниот турнир пред Европското првенство на кој поради послабата гол разлика го освоивме второто место.

Швајцарците речиси цел натпревар имаа предност и изгледаше дека имаат контрола, не дозволуваа Македонија комплетно да се врати во мечот. На пауза заминаа со предност од 18-13, а секогаш кога нашите момци ќе се доближеа до два-три гола следуваше одговор од спротивната страна, но тоа конечно се промени во последните десет минути.

По една одбрана на Томовски, Џонов реализираше и донессе израмнување 26-26. Швајцарците не реализираа и во наредниот напад, па ние имавме можност и да поведеме, но Серафимов не беше прецизен од добра позиција.

Но, бидејќи Швајцарците повторно промашија, тоа што не му успеа на Серафимов му успеа на Ненад Костески кој погоди за предност на Македонија од еден гол 27-26. Со тој резултат нашите момци влегоа и во последните пет минути од дуелот.

Во тие последни минути и двете селекции имаа шанси да го решат натпреварот во своја корист, а до реми Македонија стигна со голот на Марко Митев на 15 секуди пред крајот.

Македонија така турнирот го завршува со два победи над Украина и Бахреин во првите две кола и едно реми.

Овој дуел за момците на Лазаров беше и последен пред Европското првенство кое го почнуваме на 16-ти јануари против домаќинот Данска, а во нашата група се уште Романија и Португалија.