Нема Боксинг деј, ама има 40 натпревари за 13 дена
Децении наназад, Боксинг деј (26 декември) беше еден од најзначајните датуми во англискиот, па и европскиот фудбал бидејќи додека останатите национални првенства паузираа поради Божиќ, во Англија на овој ден „пукаше“ од фудбал. Традицијата почнала пред 165 години, се играше во сите англиски лиги и цела Европа уживаше во англискиот фудбалски спектакл.
Традицијата денеска ќе биде прекината иако повторно ќе има фудбал. Ќе се игра само еден натпревар, Манчестер Јунајтед против Њукасл вечерва на Олд Трафорд, но нема да го има традиционалниот спектакл.
„Премиер лигата сака да ги информира своите фанови за околностите кои доведоа до намалување за намалување на бројот на натпревари на Боксинг деј. Распоредот на натпревари се соочува со некои предизвици кои произлегуваат од проширувањето на меѓународните натпреварувања што доведе до ревизија на нашиот домашен календар. Со помал број достапни викенди, ограничени сме со распоредот, но Премиер лига може да гарантира дека идната сезона ќе има повеќе натпревари на Боксинг бидејќи тој датум ќе биде во сабота“, објави лигата.
Денот по Божиќ останува без натпревари, но Премиер лигата не забавува и во следниот период ќе бидат надополнети возбудувањата. Во следните 13 дена, од денеска до 8 јануари, ќе се одиграат дури 40 натпревари, односно полни четири кола. Преземени се мерки клубовите да немаат толку згуснат распоред бидејќи ниедна екипа нема да има помалку од 60 часа одмор меѓу натпреварите.