Кривична пријава за охриѓани кои лажирале документи за (пре)власт во ФФМ!

Охридската полиција поднела кривична пријава против две лица од овој град поради сомнение за фалсификување документи и измама поврзана со електронскиот систем на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), објавија денеска од МВР.

Кривичната пријава е поднесена против лицата Ц.М. и Н.Ц., кои во текот на 2024 година, во својство на претседател и секретар на Општинскиот фудбалски сојуз Охрид, во повеќе наврати внеле неточни и нецелосни податоци во КОМЕТ системот на ФФМ. Тие се сомничат за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „измама“, предвидени во Кривичниот законик.

Според наводите, во системот биле евидентирани натпревари кои реално не биле одиграни, како и лица кои биле прикажани како учесници, иако не биле регистрирани ниту како фудбалери, ниту како судии. Полицијата наведува дека ваквите дејствија биле преземени со цел Општинскиот фудбалски сојуз Охрид да обезбеди свои претставници во органите на Фудбалската федерација на Македонија.

По целосното документирање на случајот, предметот е доставен до надлежното јавно обвинителство, кое ќе одлучува за понатамошните чекори во постапката.