Вардар спогодбено ја прекина соработката со еден од македонските ракометари!

Челниците на Вардар денеска ја информираа јавноста дека спогодбено ја прекинаа соработката со Ален Ќосевски, со што десното крило веднаш доби документи со кои ќе може да ја продолжи кариерата во нова средина.

Со ова е ставена точка на повеќегодишната врска меѓу клубот и ракометарот кој е производ на вардаровата школа. Ќосевски израсна во младинскиот погон и преку екипата на Вардар Јуниор во 2019 година се промовираше во првиот тим, каде постепено се етаблираше како стандарден член на ростерот. Во периодот поминат во сениорскиот состав, тој беше дел од генерации што оставија белег на домашната сцена, учествувајќи во освојување трофеи.

Од клубот му изразија благодарност за придонесот на теренот и надвор од него, нагласувајќи го професионалниот однос на Ќосевски во текот на сите сезони. Вардар му посака добро здравје и многу успех во продолжението на кариерата.