Кулминација на состојбата во Партизан: Паркер тргнал да се тепа со навивачите

По бурните 20-тина дена во кои Партизан остана без Жељко Обрадовиќ, а потоа дојде до конфликт меѓу кошаркарите и навивачите, ноќеска дошло до голема драма на аеродромот во Каунас.

Во главна улога бил американскиот интернационалец Џабари Паркер, кој, како што објавија српските медиуми имал близок контакт со навивачите на Партизан на аеродромот во Каунас, пред да полета чартер летот за Србија. Партизан синоќа загуби од Жалгирис со 68-109, а тоа предизвика бура од негодување кај фановите кои ги придружуваа навивачи во литванската престолнина. Наводно, на аеродромот тие го навредувале Паркер, а овој не им останал должен и тргнал да се тепа со нив. Ескалација на настаните спречиле останатите кошаркари кои го тргнале Паркер настрана.

Поранешниот НБА играч ги иритира сите навивачи на Партизан уште откако дојде во клубот летоска. Иако е најплатен кошаркар во историјата на клубот, игра очајно, неговите бројки се катастрофални, а најмногу нервира индолентниот однос на теренот.  Кулминација на сето тоа беше вчерашниот меч на кој не само што беше очаен, туку не влезе во игра во второто полувреме и натпреварот го догледа во „цивилка“.

Потегот кој ја прелил чашата кај навивачите се случи во втората четвртина кога, при една „мртва“ топка, Паркер воопшто не скокна, туку му дозволи на противничкиот играч да освои посед.