Аморим верува: Јунајтед ќе се бори за титулата следните години

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим верува дека на клубот нема да му треба многу време повторно да се бори за титулата во Премиер лигата.

Повод за ова беше интервју со легендарниот Алекс Фергусон кој изрази мислење дека клубот можеби нема да може да ја освои Премиер лигата уште десет години, правејќи споредба со периодот без титула на Ливерпул. 

„Фергусон го разбира фудбалот повеќе од мене, особено англискиот. Не мислам дека ќе ни треба толку долго за да ја освоиме лигата. Не знам кој ќе биде менаџер тука, но навистина верувам дека можеме да се бориме за титулата во наредните години. Мора да се борите со секакви внатрешни битки и јас сум тука за тоа. Ќе се борам и нема да се откажам. Се подобруваме како тим, како група“, рече Аморим.

Последната титула Јунајтед ја освои во 2013 година и ако сезонава не триумфира, ќе се навршат 13 години без најголемиот трофеј во англискиот фудбал. Од заминувањето на Фергусон во Јунајтед се изредија десет менаџери, некои привремени, а некои со „полно работно време“, но ниеден не успеа да го однесе тимот блиску до титулата.