„Без добра спортска инфраструктура не можеме да имаме врвни резултати!“

Во интервју за МИА, министерот за Спорт, Борко Ристовски зборуваше за досегашната работа и идните цели и предизвици, тој е горд на промените во инфраструктурата од која се надева дека во иднина ќе излезат и резултати.

Министерството за Спорт е активно кога е во прашање подобрување на инфраструктурата, но немаме некои посебни спортски резултати во изминатите години.

„Со жалење мораме да признаеме дека таа констатација е точна. Резултати во изминатите години, освен поединечни блесоци, немаме, што е поразително за една спортска нација како Македонија. Тоа се должи на системот кој со години функционирал и кој ние сега сакаме да го реформираме. Реформа која значи вистинска поддршка и вложување во млади, талентирани спортисти, реформа која значи вложување во вистински спортските клубов или спортските субјекти, како сакате, и вложување во спортската инфраструктура која, најнапред, треба да ги обезбеди потребните услови за да може еден спорт да се развива и да бараме врвни резултати. Без инфраструктура не може да барате и да очекувате врвни резултати, и токму тоа е процесот или реформите кои ги започна Министерството за спорт. Мислам дека тоа не е процес кој може да даде резултати преку ноќ, меѓутоа, драго ми е што се забележува и во јавноста дека спортската инфраструктура ги прави првите чекори на промените во спортот или реформите во спортот. Сигурен сум дека за неколку години од сега ќе видиме многу повеќе успеси и во индивидуалните и во колективните спортови, пред сè, затоа што ќе создадеме повеќе услови за да се зголеми квантитетот и да можеме да имаме поголем избор, а спортските екипи и субјекти да имаат поголем избор при селекција на талентирани деца и на кадрите генерално, за да можеме да одиме едно скалило погоре и да постигнуваме уште поголеми резултати на спортски план“, вели министерот Ристовски во интервјуто.

Тој ги потенцираше приоритетите на министерството за наредната година и потенцираше дека тие не можат да донесат резултати, но може да дадат поддршка на спортистите и да влијаат на подобрување на инфраструктурата.

„Министерството за спорт не може да креира успеси во спортот. Успесите ги креираат федерациите, клубовите, тренерите. Ние сме тука да направиме услови што е можно подобри за тие луѓе да можат да работат и да создаваат успеси. Мислам дека имаме повеќе приоритети. Еден од нив е донесувањето на новиот закон за спорт, подобрување на спортската инфраструктура, обезбедување на средствата или субвенциите од државата на вистински начин и со тоа да стимулираме што е можно повеќе спортски резултати. Но, повторно, ние не можеме да креираме успеси – не сме креатори на спортските резултати – меѓутоа можеме да ги поддржиме вистинските спортисти, вистинските клубови, да направиме нов закон за спорт, да изградиме спортска инфраструктура која ќе остане како трајна вредност во општеството. Тоа се главните приоритети на ова Министерство, заедно со подигнување на стандардите на неговото функционирање“, вели Ристовски.

Тој зборуваше и за најавуваниот бојкот на кошаркарските екипи кои изразија незадоволство поради недобивањето на финансиска помош од државата. 

„Бојкотот кој што беше најавуван беше најавуван од мала група на клубови со нивни лични амбиции и работи кои што сакаат да ги постигнат. Меѓутоа, имавме состанок, јас ги кажав ставовите на Министерството, на Владата, на државата. Не е точно дека субвенциите не се исплатени, тоа е апсолутно невистина. Вистината е дека субвенциите од 440 милиони денари Министерството за спорт ги исплати уште во април. Меѓутоа, сега станува збор за средства кои евентуално требаше да се доисплатат – уште околу 120-140 милиони денари – за да ја заокружиме бројката од 600 милиони денари. Но, никој не го напоменува тоа дека покрај исплатените 440 милиони денари субвенции, Министерството за спорт за прв пат пронајде нов начин за финансирање на клубовите, а тоа е преку игрите на среќа или лотариските игри. До сега тие пари не одеа директно во клубовите, а сега направивме тие средства да одат директно во клубовите. Тоа е сума од околу 300 милиони денари – мислам дека е повеќе, но да не згрешам – околу 300 милиони денари, што заедно со субвенциите дава вкупна бројка од 740-750 милиони денари директни субвенции во спортот“.

„Наместо претходно со ваучери да им даваме на спортските субјекти парче хартија за да одат да го менуваат по компании и фирми, сега обезбедивме директни средства. Тоа го направивме во рамки на измените на Законот каде што го променивме системот на функционирање и веќе клубовите и спортските субјекти добиваат директно пари од Министерството за спорт, а не парче хартија за ваучери. Тој дел на некои клубови им беше нејасен, но верувам дека сега им се разјасни работата. Не може да се функционира под притисок – барем не во ова време, не со Министерството за спорт, не со оваа Влада, не со мене како министер. Мислам дека притисоците треба да се користат за други, попродуктивни работи, а не за тоа дали некој ќе настапува или не. Проблемот е решен и сигурен сум дека ќе имаме плодна соработка и работа понатаму“.

Ристовски вели дека системот на распределба на средствата можеби не е идеален, но е подобар од претходниот.

„Дали е идеален системот? Можеби не е идеален, секој има некоја забелешка, што е легитимно. Меѓутоа, од претходната прераспределба која се правела по избор на четири луѓе да се соберат во канцеларија и да одредуваат кој колку субвенција ќе има – за што имаше и обвиненија – овој пат се прави по систем. Систем на кој не можам ниту јас да влијаам, ниту кој било друг од вработените во Министерството за спорт, што за мене е голем напредок. Дали е идеално? Не постои идеална работа. Затоа ова е првиот чекор. Следната година ќе одиме со поинаков чекор, ќе направиме други промени, да ги согледаме негативностите кои нашиот систем ги донел и да еволуираме за да одиме чекор понапред кон најдобар можен систем на финансирање кој ќе може да го применува Министерството за спорт“.