Кристијано Роналдо одбил да гласа за најдобрите во изборот на ФИФА!

Одлуката на Кристијано Роналдо повторно да не учествува во гласањето за најдобар фудбалер во светот го одбележа изборот на најдобрите од страна на ФИФА за 2025 година, во кој титулата на крајот му припадна на Усман Дембеле.

Иако капитените и селекторите на сите национални репрезентации по правило се дел од гласачкото тело, капитенот на Португалија реши да се повлече од процесот – и тоа третпат по ред. Роналдо уште лани јавно изрази скепса кон индивидуалните награди, оценувајќи ги како субјективни и потенцирајќи дека не се фокусира на лични признанија. Правилата на ФИФА дозволуваат капитенот да одбие да гласа, па португалската репрезентација одреди замена. Наместо Роналдо, гласањето го презеде Бернардо Силва, кој своите гласови ги насочи кон Витиња, Нуно Мендеш и Руи Патрисио.

Во сенка на одлуката на Роналдо, ФИФА го прогласи Усман Дембеле за најдобар фудбалер на планетата во 2025 година. Францускиот офанзивец важеше за главен фаворит благодарение на својата клучна улога во историската сезона на ПСЖ, крунисана со првата титула во Лигата на шампионите, како и со освоени домашни трофеи.

Дембеле во сезоната 2024/25 постигна 33 голови и забележа 18 асистенции во сите натпреварувања. Во Лига 1 реализираше 21 гол и седум асистенции, што беше најдобар учинок во шампионатот. Со вкупно 51 директно учество во голови на 60 натпревари, тој го надмина и вкупниот ефект што го оствари за сите четири сезони во дресот на Барселона.