Алкараз со неочекуван потег ја шокира јавноста пред почетокот на новата сезона!
Одлуката одекна како вистински шок во тенискиот свет, со оглед на тоа што нивното партнерство важеше за едно од најстабилните и најуспешните во современиот тенис. Алкараз и Фереро седум години работеа заедно, период во кој младиот Шпанец израсна во еден од најдоминантните и најкомплетни тенисери на денешницата и стигна до самиот врв на светскиот тенис. Веста дополнително изненади бидејќи ништо не навестуваше раздор, особено по сите заеднички освоени титули и постигнати цели. Алкараз одлуката ја соопшти преку емотивна порака до јавноста, во која отворено призна дека разделбата не била лесна.
„Многу ми е тешко да го напишам ова… По повеќе од седум години заедно, Хуан и јас решивме да ја завршиме нашата заедничка етапа како тренер и играч. Ти благодарам што детските соништа ги претвори во реалност. Го започнавме овој пат кога бев само дете, а ти беше покрај мене на неверојатно патување, и на теренот и надвор од него“, напиша Алкараз.
Тој нагласи дека уживал во секој чекор од заедничкиот процес и дека поддршката од Фереро имала огромно значење во неговото спортско и личносно созревање. Според Алкараз, разделбата доаѓа во момент кога заедно ги исполниле сите цели.
„Стигнавме до врвот и чувствувам дека, ако нашите патишта мораше да се разделат, тоа требаше да биде токму од таму – од врвот, од местото за кое постојано работевме и кон кое тежнеевме“, истакна младиот Шпанец.
Алкараз посебно подвлече дека улогата на Фереро не била само тренерска, туку и воспитна.
„Ме направи подобар спортист, но пред сѐ подобра личност. А она што најмногу го ценам е што уживав во целиот процес – тоа е она што го носам со себе“, додаде тој.
Во завршницата од пораката, Алкараз порача дека и за него и за Фереро следува ново поглавје, исполнето со промени и нови предизвици, но дека во иднината гледа со оптимизам.