Ристовски: Против Данска секој од нас ќе игра за - тројца!

Македонската фудбалска репрезентација во март ја очекува бараж за пласман на Светското првенство 2026, во кој во полуфиналето ќе се соочи со силната селекција на Данска.

Иако Скандинавците важат за фаворити, во македонскиот табор владее уверување дека шансата постои, што го потврдува и напаѓачот Милан Ристовски во интервју за чешките медиуми.

„Данска има одличен тим и ќе биде исклучително тежок натпревар, во кој тие се фаворити. Но, во фудбалот сè е отворено. Создадовме добра атмосфера, ја подобривме меѓусебната соработка и изградивме тим кој функционираше и носеше резултати. Нашата најсилна страна е токму тимската игра и тоа мора да го покажеме. Ќе биде многу тешко, но како Македонија, заедно со навивачите кои цел живот го чекаат настапот на Светско првенство, ќе се бориме со 300 отсто“, истакна македонскиот репрезентативец, додавајќи дека националниот тим во изминатите две години направил значаен напредок.

Доколку Македонија успее да ја елиминира Данска, во финалето од баражот ќе игра против победникот од дуелот меѓу Чешка и Ирска. Иако има бројни соиграчи од Чешка, засега нема меѓусебни провокации.

„Сè уште не, можеби ќе дојдат. Во контакт сум со мојот сегашен тренер во Бохемианс и често разговараме за ситуацијата и во Чешка и во Македонија. За жал, во репрезентациите секогаш има некакви компликации. Пред две недели нашиот селектор ја напушти функцијата по четири години, па за баражот ќе имаме нов тренер. Истото се случи и во Чешка, каде што селекторот Хашек си замина пред еден месец“, дополни Ристовски.

Македонија веќе има искуство со историски бараж-настапи, особено во 2022 година, кога беше на чекор од пласман на Светското првенство во Катар. Тогаш „црвено-жолтите“ најпрвин ја елиминираа Италија со 1:0, но потоа налетаа на моќната селекција на Португалија.

„Тоа беше моето најголемо лично искуство. Самото чувство дека како мала земја ја победуваш Италија е огромна работа. Владееше голема еуфорија, луѓето нè пречекаа по враќањето и имавме фантастични десет дена. Против Португалија, за жал, немавме шанси – во тој момент тие беа поквалитетен и подобар тим. Сепак, направивме голем чекор и покажавме дека и мали земји можат да ги победуваат најголемите. Искрено, имавме и среќа, но тоа е дел од фудбалот. Спомените се прекрасни и се надевам дека повторно ќе ги доживеам“, заклучи репрезентативецот.

Ристовски досега има одиграно 30 натпревари за Македонија и постигнато четири голови.