„Поради семејна драма две години немав дадено гол – никој не знаеше низ што минувам!“
Зад тивкиот период на теренот, како што самиот признава, стоела тешка семејна драма – сериозната болест на неговата мајка. Фудбалерот откри дека токму здравствените проблеми на мајка му оставиле длабока трага врз неговиот ментален фокус и професионалниот пат, иако никогаш не сакал јавно да бара оправдувања за слабите партии.
„Мојот приватен живот имаше огромно влијание врз фудбалот. Во последната година во Спартак Трнава веќе се мачев поради проблеми во семејството. Мајка ми беше болна и имаше сериозни здравствени компликации. На почетокот мислев дека нема да биде ништо страшно, но со текот на времето нејзината состојба се влошуваше. Се обидував тоа да не влијае врз мојата игра, но беше невозможно“, признава тој.
Ситуацијата кулминирала преклани во ноември, кога одлучил предвреме да ја напушти Трнава, за да биде покрај семејството. По личен разговор со тогашниот тренер Михаел Гашпарик, клубот покажал разбирање и му дозволил да си замине.
„Морав да бидам со моите. Тоа беше период за кој не сакав да зборувам јавно. Сакав да продолжам напред, но психолошки ме погоди повеќе отколку што сакав да признам“, додава тој.
По заминувањето од Трнава следувал тежок период на пауза, во кој фудбалот паднал во втор план. Семејството поминало низ уште еден тежок момент, а самиот сериозно размислувал целосно да се повлече од играта и да направи подолга пауза во Македонија. Пресвртот се случил со понудата од Бохемианс. Клубот од Прага му подал рака во момент кога најмногу му била потребна.
„Тренерот ме сослуша, ме разбра и ми даде простор. Ми кажа дека ќе ме почекаат и дека секојдневните тренинзи ќе ми помогнат и ментално. Тоа беше клучно за мене“, истакнува репрезентативецот.
Иако почетоците во Прага биле тешки и првите месеци функционирал „како на автопилот“, со текот на времето фудбалската рутина повторно му помогнала да ја врати менталната стабилност и желбата за игра.
„Денес сум среќен што не се откажав. Ми се врати уживањето во фудбалот и не си создавам притисок околу формата – верувам дека кога главата ќе биде мирна, резултатите ќе дојдат сами“, вели тој.
Тешкиот период речиси никој не го знаел. Додека бил во Трнава, само неколкумина соиграчи биле делумно запознаени со неговата ситуација, бидејќи, како што вели, никогаш не сакал сожалување. Во Бохемианс, пак, средината му помогнала брзо да се вклопи, а поддршката од соиграчите одиграла важна улога во неговото закрепнување – и како фудбалер и како човек.