Михајловски: Бараме уште двајца квалитетни Македонци - ако треба ќе ги измислиме!

Вардар го заврши есенскиот дел од сезоната на првото место во домашното првенство и обезбеди пласман во главната фаза од ЕХФ Европската лига, а веќе сега ги крои плановите за идната натпреварувачка кампања во која можно е да се врати и во Лигата на шампионите.

Првиот човек на клубот Михајло Михајловски денеска објави кои се амбициите на Вардар во следниот период. Прва цел е да се донесат двајца домашни ракометари, без разлика од каде доаѓаат.

„Сега имаме шест македонски ракометари, а за идната сезона мора да најдеме барем уште двајца квалитетни. Ќе најдеме Македонци, па макар и да ги измислиме“, рече Михајловски.

Потрагата по нови ракометари за идната сезона е веќе почната, како и во сите клубови на европска сцена кои од сега прават договори за догодина.