Скандал на повидок: Конго играл со нерегистрирани фудбалери, Нигерија бара да биде дисквалификуван

Неочекуван пресврт би можел да се случи во квалификациите за Светското првенство 2026, во африканската зона.

Репрезентацијата на ДР Конго неодамна ја елиминираше Нигерија во плејофот од квалификациите и обезбеди место во меѓуконтиненталниот баражот што ќе се игра во март. Сепак, Нигеријците поднесоа официјална жалба што би можела да доведе до исклучување на ДР Конго од понатамошното натпреварување.

Според „Arise News“, Нигериската фудбалска федерација (NFF) подготвува сериозна правна офанзива поради наводниот нерегуларен состав на тимот на ДР Конго. Во прашање се дури девет фудбалери кои играа на натпреварот против Нигерија, за кои се тврди дека не ги исполниле сите законски и административни услови за промена на спортското државјанство, а со тоа и за регистрација. Нигериската страна смета дека постапката за промена на државјанството не е завршена на време, но исто така истакнува дека уставот на ДР Конго не дозволува двојно државјанство.

Според нивните тврдења, некои играчи формално не се откажале од своето претходно државјанство или од репрезентацијата за која претходно играле. Меѓу играчите за кои се тврди дека се под истрага се добро познати имиња: Аксел Туанзибе (Англија), Артур Масуаку (Франција), Арон Ван-Бисака (Англија), Ноа Садики (Белгија) итн.

ДР Конго ја елиминираше Нигерија на пенали во финалето на африканскиот плејоф и треба да игра против победникот од натпреварот Јамајка-Нова Каледонија во меѓуконтиненталниот плејоф во март. Сепак, доколку жалбата на Нигерија биде уважена, епилогот може да биде сосема поинаков и во баражот да замине Нигерија.