Суарез на заминување од Интер Мајами, доаѓа - Левандовски!?

Интер Мајами би можел повторно да се засили од Барселона, а овојпат цел на шампионот на МЛС е никој друг, туку Роберт Левандовски.

Според извештаите од Полска, клубот на Лионел Меси веќе започнал неформален контакт за да се обиде да го привлече напаѓачот, кој е во последната сезона од договорот со каталонскиот клуб и размислува за својата иднина надвор од Камп Ноу. Интер Мајами изгради проект базиран на европско искуство и лидерство и на теренот и надвор од него. По Жорди Алба, Серхио Бускетс и Луис Суарез, можноста за трансфер на полскиот напаѓач совршено се вклопува во спортската политика што ја промовира франшизата на Дејвид Бекам: трансфери на играчи со елитно искуство и способност за непосредно влијание.

Гласините почнаа кога поранешниот полски фудбалер Марек Јозвјак изјави во емисијата „Мока Футболу“ дека „тие веќе бараат куќа за него во Мајами“, изјава што ги зголеми шпекулациите за можно пристигнување на напаѓачот во МЛС почнувајќи од следната сезона.

Евентуалниот трансфер на Лева во Интер Мајами најмногу ќе зависи од тоа дали Барселона ќе го продолжи договорот со него на уште една сезона или претстојното лето ќе ја заврши соработката. Луис Суарез речиси сигурно ќе си замине зимава, а Полјакот треба да биде замена за него.