По белградското дерби: Хрват провоцираше соиграч од Реал со песна на – Гробари (ВИДЕО)
На снимката се појавува неговиот соиграч, Аргентинецот Факундо Кампацо, додека во позадина се слуша како Хрватот ја пее навивачката песна: „Напаѓај, напаѓај, Партизане напаѓај“. Хезоња минатото лето потпиша нов договор со Реал Мадрид, кој важи до 2029 година. Иако имаше одредени шпекулации и мали компликации околу неговиот статус, поради кои се појавија гласини дека би можел да заврши токму во Партизан, до таков трансфер не дојде. Сепак, навивачите на белградскиот клуб отворено сонуваа за негово доаѓање и често го повикуваа преку социјалните мрежи.
Хрватскиот кошаркар во неколку наврати јавно изјави дека е симпатизер на Партизан, а кога настапува во Белград, навивачката група „Гробари“ редовно го поздравува со аплаузи, без разлика на дресот што го носи. Во описот на видеото, Хезоња напиша „Ривалство од соблекувалната“, алудирајќи на фактот дека Кампацо во сезоната 2023/24 настапуваше за Црвена звезда, најголемиот градски ривал на Партизан. Аргентинецот не остана должен и кратко му одговори на Хезоња во коментарите со зборот „Марш“.
Инаку, Партизан и Црвена звезда во петокот одиграа дерби во рамките на Евролигата, во кое „црно-белите“ славеа со 79-76.
ФОТО: EPA PHOTO