„Новак Ѓоковиќ е последниот бесмртник – времето не му може ништо!“

Тенискиот свет сѐ уште со носталгија се навраќа на златната ера од втората деценија на 21. век, кога речиси секоја недела се следеа епските дуели меѓу Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер, од кои само српскиот ас и понатаму одбива да излезе од големата сцена.

И покрај доминацијата на Јаник Синер и Карлос Алкараз, Ѓоковиќ влегува во новата сезона со реални амбиции за рекорден 25. гренслем-трофеј. Популарниот Ноле минатата сезона стигна до четири полуфиналиња на гренслем-турнирите, а најблиску до титулата беше на Австралија опен. По големата победа над Алкараз, поради повреда мораше да му го предаде полуфиналниот меч на Александар Зверев, додека на останатите три најголеми собири двапати беше елиминиран од Синер, додека на последниот турнир подобар од него беше светскиот рекет број еден – Алкараз.

Ѓоковиќ годината ја заврши на четвртото место на АТП-листата, по триумфот во Атина, што му обезбеди поволна позиција на ждрепката за стартот на новата сезона и настапот во Мелбурн. Тоа значи дека со Синер и Алкараз не може да се сретне пред полуфиналето, што му дава дополнителна шанса посвеж да влезе во борбата за нов историски успех. Настапот на следниот Австралија опен ќе биде 81. гренслем во кариерата на Србинот, со што ќе се израмни со Роџер Федерер и Фелисијано Лопез. Италијанскиот специјализиран медиум „Убитенис“ наведува дека овој податок уште еднаш ја потврдува неговата исклучителна долговечност.

„Во сè побрзи, понапорни и физички поизразени услови, овој рекорд ја истакнува мислата за Ѓоковиќ како шампион на кого времето не може ништо. Неговата долговечност не е резултат на среќа, туку на беспрекорна подготовка, врвна грижа за телото и ментална сила која му овозможува да се регенерира од сезона во сезона. Тој е последниот бесмртник – времето не му може ништо“, се наведува во анализата.