Бизарно: Најдобар спортист на Италија е тенисер, ама тоа не е Јаник Синер!

Тенисерот Лоренцо Музети е прогласен за најдобар спортист на годината што изминува, во изборот на реномираниот италијански весник „Газета дело Спорт“, што претставува вистинско изненадување за спортската јавност.

Голем дел од јавноста очекуваше признанието да му припадне на вториот тенисер на светот, Јаник Синер, кој во текот на сезоната освои две грен-слем титули, а годината ја заокружи со трофеј на завршниот Мастерс турнир. Сепак, уредништвото на „Газета“ одлучи наградата да ја додели на Музети, тенисер кој во 2025 година направи голем исчекор во кариерата. Италијанецот за првпат се најде меѓу десеттемина најдобри во светот, го одигра првото финале на мастерс турнир, обезбеди деби настап на завршниот турнир на сезоната во Торино, а со својата игра ги задоволи и најпребирливите тениски експерти.

Во образложението на одлуката, Музети е опишан како „последниот поет со рекет во рака“, тенисер кој е пример за совршена комбинација на природен талент, класа и напорна работа, со потенцијал што сè уште не е целосно изострен.

Како можен фактор за ваквиот избор се наведува и фактот што Синер, за разлика од Музети, одлучи да не настапува за италијанската репрезентација, што според дел од јавноста можело да влијае врз конечната одлука на жирито.