Тешки главоболки за Чаби Алонсо: Реал против Алавес без 11 фудбалери

Со само една победа во последните пет кола и четири бода негатива во однос на Барселона, кои утре можат да пораснат на седум, Реал в недела ќе гостува кај Алавес во меч кој мора да се добие за да се спаси сезоната, но и за Чаби Алонсо да се задржи на клупата.

Како ќе се оствари тоа, тешко е да се замисли бидејќи тренерот на Реал за гостувањето во Виторија не може да смета на дури 11 фудбалери од кои осум се повредени, а тројца суспендирани. Од дефанзивците, на располагање е само Ридигер кој не се наоѓа во којзнае каква форма и одигра очајно против Манчестер Сити во средата додека останатите најверојатно нема да се вратат до крајот на годината.

Повреден е и најдобриот стрелец во шпанското првенство Килијан Мбапе, стрелец на половина од головите на Реал оваа сезона кој не играше против Манчестер Сити. Сето тоа му создава тешки главоболки на Чаби Алонсо пред натпреварот кој секако е најважен и за него и за Реал во овој момент бидејќи постои голема опасност да ја заврши годината дури на третата позиција.