Алонсо „дебело“ би го наплатил отказот – сумата е огромна дури и за Реал Мадрид!

Тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, се наоѓа под сè поголем притисок по серијата слаби резултати, а можноста за негово предвремено заминување од клупата станува сè пореална.

Во клубот пристигна како човек што требаше да означи почеток на нова ера, но веќе по 28 одиграни натпревари неговата позиција е сериозно доведена во прашање. Незадоволството во раководството на „кралскиот клуб“ расте, а поразите од Манчестер сити и Селта во краток временски период дополнително ја продлабочија кризата. Во мадридските фудбалски кругови сè почесто се шпекулира дека Алонсо би можел наскоро да стане поранешен тренер на Реал.

Според информации од Шпанија, Алонсо добил јасен ултиматум – победа на претстојниот првенствен натпревар против Алавес, а секој нов кикс би значел речиси сигурен прекин на соработката со клубот. Шпанецот, во случај на отказ, нема да остане оштетен од финансиски аспект. Тој има договор со Реал Мадрид до летото 2028 година, а предвремениот раскин би го обврзал клубот да му ја исплати целата вредност на договорот, што би претставувало огромен финансиски товар.

Шпанските медиуми наведуваат дека Реал би морал да исплати повеќе од 30 милиони евра за отказот на Алонсо и неговиот стручен штаб, со оглед на тоа што неговата плата изнесува околу девет милиони евра нето по сезона. Токму поради тоа, евентуалната разделба би била меѓу најскапите тренерски откази во поновата историја на клубот. Истовремено, според истите извори, претседателот Флорентино Перез веќе разгледува можни наследници. Во игра наводно останале три имиња – Зинедин Зидан, Јирген Клоп и Алваро Арбелоа.

ФОТО: EPA PHOTO