Работнички го пречекува Силекс, Брера ќе се судри со Шкупи
Работнички има ужасен старт на сезоната и освои само седум бодови по 15 одиграни меча, односно во моментов е во серија од четири порази по ред, а тоа ќе се обиде да го искористи екипата од Кратово.
Силекс има шанса да го задржи чекорот со водечката тројка на табелата, меѓутоа денеска мора да оди на победа против Работнички кого успеа да го совлада на нивниот прв меѓусебен дуел оваа сезона со 3-1.
Брера Струмица се наоѓа во резултатска криза од која ќе се обиде да излезе против најлошиот тим во лигата, Шкупи кој освои само еден поен.
Џихан Адили од Шкупи, сепак, вели дека неговиот тим сериозно се подготвувал за новиот предизвик во Првата лига и ќе оди на позитивен резултат.
„Последниот натпревар против Брера го загубивме не поради недостаток на посветеност, туку поради недостаток на среќа во клучните моменти. Тимот работеше сериозно и е максимално подготвен за следниот предизвик. Се надеваме дека овој пат среќата ќе биде на наша страна и ќе го постигнеме резултатот што го бараме и го заслужуваме“, кажа Адили.
Натпреварите од ПМФЛ се играат со почеток од 13 часот.