Сити го искористи поразот на Арсенал и дојде на два бода од првото место (ВИДЕО)

Првопласираните три екипи во Премиер лигата од денеска се на само три бода разлика откако прво Арсенал загуби од Астон Вила, а попладнево Манчестер Сити го искористи тоа и со победа против Сандерленд ја направи борбата за титулата максимално неизвесна.

„Граѓаните“ на домашен терен славеа со 3-0 што е нивна петта победа во последните шест меча, па сега заостануваат само два бода од лидерот Арсенал. Сити апсолутно доминираше на овој меч, а најголем дел од работата заврши во период од само четири минути во првото полувреме. Во главна улога беа дефанзивците бидејќи резултатот го отвори Рубен Дијас во 31. минута, а на 2-0 зголеми Гвардиол во 35. Кон средината од второто полувреме Фил Фоден со гол ја круниса фантастичната асистенција од Шерки.

За одбележување од попладневните натпревари е тоа што гостите на петте меча успеаја да постигнат само еден гол, а бод освои само Челси на гостувањето кај Борнмут. Како резултат на тоа, водечкото трио се одвои и сега е на најмалку пет бода во однос на останатите екипи.

РЕЗУЛТАТИ
Борнмут - Челси 0-0
Евертон - Нотингем Форест 3-0
Манчестер Сити - Сандерленд 3-0
Њукасл - Барнли 2-1
Тотнем - Брентфорд 2-0