Британците удрија по Миовски: Заборави да дава голови, па „побегна“ од социјалните мрежи!

Напаѓачот на Глазгов Ренџерс и македонски репрезентативец, Бојан Миовски, ги избришал своите профили на Инстаграм и на Твитер (X), повлекувајќи се од социјалните мрежи во момент кога се соочува со пад на формата во дресот на шкотскиот премиерлигаш.

Тој летово пристигна на „Ајброкс“ во трансфер вреден 4,2 милиони фунти, по помалку од една година помината во шпанска Жирона. Но, по одличните настапи во Абердин – каде постигна 44 гола на 98 натпревари – 26-годишниот напаѓач не успева да се наметне во дресот на Ренџерс. Во новиот клуб има само два гола на 18 настапи, а последната реализација ја запиша на 5 октомври во ремито со Фолкирк (1-1). Неуспехот да ја пронајде формата дополнително го стави под притисок, особено во тим кој минува низ тешка фаза.

Од вчера, неговиот официјалниот Инстаграм-профил е недостапен, при што се појавува порака дека профилот е избришан или линкот е неважечки. Неговиот профил на Твитер исто така е деактивиран. Миовски одигра 89 минути на последниот натпревар – ремито на гостувањето кај Данди јунајтед (2-2), но повторно не успеа да се запише во листата на стрелците пред да биде заменет од Тело Аасгард.