Пелистер го игра последниот меч во ЛШ оваа година кој – МОРА да го добие!

Екипата на Пелистер утре ќе го одигра последниот меч во Лигата на шампионите за оваа година и тоа на гости против Загреб, каде што патува со комплетен состав и јасна цел – борба за исклучително значајни бодови во елитното натпреварување.

Тренерот Рубен Гарабаја очекува сериозен и неизвесен дуел, нагласувајќи ја позитивната енергија во таборот на Загреб по назначувањето нов тренер.

„Имаат голема мотивација откако добија нов стратег. Одиграа квалитетен натпревар во Сегед, цврст тим се и никогаш не се предаваат. Нѐ очекува тежок меч, а и тие веруваат дека можат да не победат,“ изјави Гарабаја.

Тој додаде дека Пелистер влегува во густ распоред без многу време за подготовка, но со јасна цел – максимална борбеност и подобро издание отколку на претходните дуели.

„Времето е кратко, но се подготвуваме најдобро што можеме. Следуваат важни натпревари и сакаме да се претставиме во вистинско светло. Играме и во првенството и во ЛШ, но не смееме да се жалиме. Одиме во Загреб да одиграме квалитетно и се надеваме на победа,“ дополни шпанскиот стратег.

Повратникот по потешката повреда, Самоил Ристевски, изрази благодарност за поддршката во периодот на рехабилитација и најави дека е подготвен да придонесе во претстојниот важен натпревар.

„Физички се чувствувам одлично. Благодарност до сите во тимот за поддршката. Имав минутажа на последните натпревари, а сега сакам да играм уште подобро и да го докажам мојот квалитет,“ изјави тој.

Младиот бек потенцира дека тимот внимателно се подготвува за хрватскиот првак.

„Гледаме видео-анализа, тренираме напорно и на секој меч одиме на победа – така ќе биде и против Загреб. Во Лигата на шампионите нема слаб тим, но ќе одиме да се бориме и верувам дека можеме да се вратиме со триумф“, додаде Ристевски.

Пелистер има две победи и само со триумф во Загреб може да остане во игра за нокаут-фазата во ЛШ.