Арсими изненадувачки убедливо ја доби ватерполо битката во Кратово (ВИДЕО)

Екипата на Арсими направи огромно изненадување, откако попладнево го совлада фаворизираниот Силекс (3-1), во меч од 15. коло во Првата лига одигран на поплавен и каллив терен во Кратово.

Мечот почна со дваесетминутно доцнење поради ужасните услови на стадионот „Кукуш“, каде што водата го правеше теренот речиси неупотреблив. И покрај калта и честите „заглавувања“ на топката, двата тима одиграа динамичен меч со бројни шанси. Силекс беше поофанзивниот тим во првиот дел. Додев, Алиќ и Говедарица создаваа проблеми пред голот на гостите, а токму Говедарица пропушти ситуација која мораше да заврши со гол. Арсими, пак, главно се бранеше и се обидуваше да се закани преку брзи транзиции, но ретко стигнуваше до вистинска прилика.

И токму во моментите кога Силекс имаше контрола, дојде шокантното водство на Арсими. Мирнел Хуриќ во 44. минута ја искористи лошата реакција во одбраната и од неколку метри ја спроведе топката во мрежата за 0-1. Подобро започнатото второ полувреме од страна на гостите им донесе и нови шанси. Таипи имаше извонредна можност за удвојување, но не реализираше. Силекс повторно го презеде притисокот, но теренот значително им ја отежнуваше играта во завршницата. Во налетот за израмнување, Говедарица промаши празен гол – ситуација која се покажа како пресвртница. Веднаш потоа, во 61. минута, резервистот Ајдини ја казни непокриеноста на домашната одбрана и го удвои водството. Кратовци не се предадоа и во 76. минута успеаја да намалат преку Мартин Мирчевски. Но, надежта за пресврт траеше кратко, бидејќи само неколку минути подоцна Таипи со силен удар ја врати предноста од два гола за гостите од Чегране.

За Арсими ова беше шести триумф сезонава, кој сега има 21 бод и се приближува до горниот дел од табелата. Силекс останува со 28 бодови, пропуштајќи можност да се вклучи во борбата за врвот.