Пандев одново ќе ја води македонската репрезентација!

Поранешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, заедно со уште неколку поранешни репрезентативци ќе настапат на еден поинаков фудбалски турнир во Италија преставувајќи ја Македонија.

Се работи за „Фудбал 7“, кој претставува еден од спортови во светот поради неговата атрактивност за гледачите. Тој е динамичен, интензивен, полн со возбудливи моменти. Бара комбинација од техничка игра, брзи транзиции, постојана акција, а сето тоа го прави атрактивен.

Македонија доби официјална покана од претседателот на ФИФ7 Европа, Калчо 7 и Калчо 8 Италија, господинот Фабрицио Лофреда за настап на турнир во Рим.

Македонија Ф7 за првпат во својата историја ќе учествува на ваков меѓународен турнир, престижниот Куп на Конфедерации Рим кој ќе се одржи во Рим на 13 и 14 декември.

Нашиот национален тим ќе биде составен од поранешни македонски репрезентативци. Еден од нив ќе биде Горан Пандев. Голмани се: Един Нурединоски и Матеј Миленков. Во одбрана ќе играат: Златко Таневски, Бобан Грнчаров, Дарко Глишиќ и Бојан Маркоски. Средниот ред го сочинуваат: Никола Глигоров, Кристијан Стојкоски и Влатко Гроздановски. А во нападот покрај Горан Пандев се уште и Бобан Јанчевски и Филип Ивановски.

Македонија ќе има исклучителна чест да го отвори турнирот против домаќинот Италија кој е вицешампион од последното Светско првенство во Фудбал 7 кое оваа година се одигра во Бразил.

За Италија ќе настапат играчи како Леонардо Бонучи, Антонио Ди Натале, Алесио Черчи, Гаетано Д'Агостино, Давиде Москардели...

Настапот на турнирот во Рим е огромен исчекор за развојот на Фудбал 7 во Македонија.