Беќири: Доминиравме 90 минути, но немавме среќа!

Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири е разочаран од вчерашниот пораз на гостувањето кај Дрита на Косово, македонскиот шампион загуби со 0-1 во меч од четвртото коло во Конференциската лига.

Шкендија имаше поголема посед на топка, имаше дури 19 шутеви за разлика од домаќините кои имаа само пет, но го загуби мечот и тоа со гол примен рано, во 20. минута. Тетовскиот тим ја погоди и пречката од голот на Дрита.

„Доминиравме речиси 90 минути, но на овие европски натпревари кога ќе примите гол каков што примивме ние, многу лесен погодок, не може да се надевате на позитивен резултат. Имавме доволно време да реагираме, создадовме шанси, доминиравме на теренот, но немавме среќа во одредени моменти. Дрита ги освои трите бода и честитки за нив“, рече тренерот на Шкендија, Јетон Беќири по мечот.

По четири одиграни кола во Конференциската лига, Шкендија е на 25. место со четири освоени бода. Во следното коло во Скопје ќе го пречека тимот на Слован Братислава кој има само три бода, но тие се од вчершната победа над фаворизираниот Рајо Ваљекано.