Арсими ја шокираше Шкендија, сега сака бодови и од Кратово!
Арсими во минатото коло ја тресна Шкендија победувајќи ја со неочекувани 3-0, па денеска сака да направи уште едно изненадување.
„По важната победа против Шкендија, нашиот тим ја доби потребната самодоверба и ритам. Атмосферата е многу позитивна и сите сме максимално мотивирани. Во Кратово одиме со јасна цел, да забележиме позитивен резултат и да покажеме дека нашата добра форма не е случајна. Го почитуваме Силекс како противник, особено на нивни терен, но веруваме во себе и во работата што ја направивме во текот на неделата. Ќе дадеме се од себе на теренот за да ги задоволиме нашите навивачи и да продолжиме кон сезонските цели”, рече стоперот на Арсими, Амир Дрљевиќ.
Но Силекс е фаворит во овој дуел, тие се поквалитетен тим и ќе се обидат бодовите да останат во Кратово.
„Не чека тежок натпревар против Арсими, екипа која ја има мојата почит. Не само поради победата над Шкендија, туку поради фактот што во континуитет игра добро. Играме на домашен терен и можеби тоа не прави благи фаворити, но знаеме дека нема да биде лесно. Меѓутоа ако сакаме да бидеме при врвот мораме да победиме. Сите сме сконцентрирани само кон овој натпревар, и очекувам една квалитетна претстава и победа на Силекс“, рече тренерот на Силекс, Александар Васоски.
Натпреварот меѓу Силекс и Арсими почнува од 13 часот.
Распоред 15. коло:
Петок
Силекс - Арсими 13:00
Сабота
Пелистер - Македонија ЃП 12:30
Брера - Тиквеш 13:00
Недела
Струга - Башкими 12:30
Вардар - Шкуп 13:00
Понеделник
Шкендија - Работнички 13:00