Итен состанок во Партизан, ќе го молат Обрадовиќ да се предомисли!

За денеска е закажан состанок на Управниот одбор на Партизан на кој ќе се зборува за тоа како по оставката на Жељко Обрадовиќ, ќе се обидат и да го предомислат, но можно е да летнат и други „глави“ од раководството на клубот.

Оставката на Обрадовиќ создаде силни бранови во Партизан, навивачите се вознемирија, најавуваат бојкот на натпреварите.

Поради новонастанатата ситуација од 14 часот во КК Партизан има состанок на Извршниот и Управниот одбор на клубот. Главната тема е како да се продолжи без Обрадовиќ, но тоа не е и еднствената.

Навивачите бараат одговорност од претседателот Остоја Мијаиловиќ и генералниот менаџер Зоран Савиќ. Се најавуваат и кривични пријави.

Една од темите на состанокот може да биде иднината на Савиќ и не се исклучува можноста по четири години и тој да го напушти Партизан. На него му се замерува за селекцијата на кошаркари, не само во оваа сезона туку и претходно.

Наводно по оставката на Обрадовиќ, сега и некои други членови на УО на Партизан планираат да поднесат оставка од ова тело.

Првиот човек на Партизан, Остоја Мијаиловиќ планира на членовите на УО да им предложи да не се прифати оставката на Обрадовиќ и клубот да се обиде да го задржи легендарниот тренер. Оваа мисија се чини дека е исклучително тешка, дури и нереална.

Обрадовиќ остана во Атина по поразот од Панатинаикос, тој не се врати во Белград, а играчите добија одмор до сабота кога ќе им се вратат на тренинзите. Првиот меч на Партизан без Жељко е на 4. декември против Баерн во Белград.