„Алкараз сега само трча по пари, ама после и тоа како ќе плаче!“

Карлос Алкараз влегува во серија егзибициски дуели за крајот на годината, со што ќе заработи значителни средства, но и ќе го оптовари распоредот пред Австралија опен. Иако живее скромно, шпанскиот тенисер не пропушта можност за дополнителна заработка.

Шпанецот следниот месец ќе настапи во Њу Џерси против Френсис Тијафо, потоа во Мајами ќе игра со Жоао Фонсека, а за 10 јануари е закажан неговиот меч со Јаник Синер во Инчеон, Јужна Кореја. Легендарниот Џими Конорс, кој важи за рекордер со 109 титули, во својот подкаст се пошегува на сметка на Алкараз и неговиот збиен распоред.

„Ова е период кога може да се заработи многу. Како да нема веќе доволно“, рече Конорс со насмевка, додавајќи дека „повеќе секогаш е подобро“.

Сепак, тој предупреди дека бројните егзибициски настапи може да се одразат на формата пред првиот гренд слем.

„Ќе биде интересно дали ќе одигра толку многу егзибициски мечеви, а потоа ќе стигне уморен во Австралија. Подоцна ќе каже дека премногу патувал и премногу играл. Можеш да заработиш многу, но потоа да испаднеш во второ коло во Мелбурн“, истакна Конорс.

ФОТО: EPA PHOTO