Италија во луда пресметка со седум спасени меч-топки дојде до финале во Дејвис купот!

Тениската селекција на Италија се пласира во финалето на Дејвис купот и е на само една победа од освојување на третата титула по ред, откако Флавио Коболи направи спектакуларен пресврт и спаси дури седум меч-топки во драмата против Белгиецот Зизу Бергс (6-3, 6-7, 7-6).

Станува збор за 23-годишен херој на вечерта, кој до драгоцениот триумф дојде по повеќе од три часа жестока пресметка во Болоња, во меч што заврши во раните утрински часови. Тај-брејкот од третиот сет влезе меѓу највозбудливите во историјата на ова натпреварување. Претходно, Матео Беретини ја донесе првата победа за Италија, совладувајќи го Рафаел Колињон (6-3, 6-4). Ова беше негов осми триумф по ред во Купот „Дејвис“, по шесте победи што ги забележа минатата сезона, кога Италија ја одбрани титулата.

Италијанскиот тим сега има шанса да стане првиот во историјата што освоил три последователни трофеи во најпрестижното екипно тениско натпреварување. Противникот во финалето ќе биде подобриот од дуелот меѓу Германија и Шпанија, чиј полуфинален меч се игра денеска. Италија го брка историскиот успех и покрај тоа што настапува без светскиот број 2, Јаник Синер, кој откажа во последен момент. Кај потенцијалните ривали, Шпанија е без најдобриот на светот, Карлос Алкарас, додека Германија ја предводи Александар Зверев – трет тенисер на АТП-листата и највисокорангиран играч во финалниот турнир.

ФОТО: EPA PHOTO