„Лудиот Макс“ оствари рекорд на кариерата и застана на еден поен зад Јокиќ (ВИДЕО)

Филаделфија 76 славеше на гостувањето кај Милвоки со 123-114 по продолжение, а натпреварот го одбележа Тајрис Макси.

Кошаркарот на Сиксерс оствари личен рекорд на кариерата, постигнувајќи 54 поени и девет асистенции. Тој застана зад Никола Јокиќ и Шеј Гилџес Александер кои го држат рекордот на НБА оваа сезона со 55 постигнати поени на еден натпревар. Освен тоа, му се придружи на Вилт Чембрлен како втор кошаркар во историјата на Филаделфија кој на еден меч имал најмалку 50 поени со девет асистенции.

„Лудиот Макс“, како што го нарекуваат Макси, е еден од најпотентните кошаркари на Сиксерс последните години, но поради низата повреди кои ги доживеа од 2023 година, не можеше целосно да го покаже својот талент и квалитет. Минатата сезона имаше просек од 26,3 поени,, но одигра само 52 натпревара, а во 2023/24 постигнуваше по 25,9 поени. Сезонава, по 14 одиграни меча има ефект од 31,9 поени со што е еден од најдобрите во лигата.

Тој е и најзаслужен што Филаделфија и покрај големите проблеми, во моментов е со биланс 9/6 и на шестата позиција во Источната конференција. Ноќеска во тимот се врати Пол Џорџ кој ја санираше повредата и во својот прв меч постигна 11 поени.

РЕЗУЛТАТИ
Орландо - ЛА Клиперс 129-101
Мемфис - Сакраменто 137-96
Милвоки - Филаделфија 114-123
Сан Антонио - Атланта 135-126