Дејвис куп му посвети цела вечер на Никола Пилиќ, дојде и Ѓоковиќ да одржи говор за него (ВИДЕО)

„Тенискиот татко“ на Новак Ѓоковиќ, Никола Пилиќ, почина во септември, Новак Ѓоковиќ емотивно му се збогуваше на социјалните мрежи, а потоа на турнирот во Атина, кој Србинот го освои пред две недели, му беше оддадена почит на легендарниот тренер.

Синоќа, на стартот од завршниот турнир во Дејвис купот, целиот тениски свет се збогува со Пилиќ, а Новак повторно беше таму - во Болоња пред натпреварот помеѓу Италија и Австрија, за да одржи говор.

„Ви благодарам на сите што дојдовте, ова е момент на измешани емоции за мене. Кога ја слушнав веста, за мене тоа беше еден од најтажните моменти бидејќи Ники беше исклучително важен во мојот живот, во мојата кариера. Морам да кажам дека нема подобро натпреварување од Дејвис купот за да се прослави она што го направи Ники Пилиќ. Тој останува единствениот тренер во ова најважно тимско натпреварување што го освоил трофејот со три земји - Германија, Хрватска и Србија. Тоа е неверојатно достигнување што веројатно никој нема да го повтори. Ники, секогаш ќе те паметиме. Те сакаме“, рече Новак Ѓоковиќ во својот говор во Болоња.

Никола Пилиќ освои пет титули во ова натпреварување, три со Германија (1988, 1989, 1993) и по една со Хрватска (2005) и Србија (2010). Покрај Ѓоковиќ, на збогувањето со Никола Пилиќ во Болоња беа присутни и Виктор Троицки, тренерот на Србија во Дејвис купот, како и Борис Бекер и Иван Љубичиќ.