Ситуација каква ретко се гледа: Јунајтед во следните два месеца нема да игра во сабота
Откако завршија ноемвриските квалификации, Јунајтед ќе има серија од 10 натпревари од Премиер лигата во кои ќе игра во понеделник, недела, работни денови или петок навечер, но ниту еден во сабота. Екипата на Рубен Аморим го има следниот распоред до 10 јануари, кога е закажано третото коло од ФА Купот:
- 3 натпревари во понеделник навечер;
- 3 натпревари во недела;
- 3 натпревари во средината на неделата (вторник, среда, четврток);
- 1 натпревар во петок навечер;
Некои од термините се доста необични: против Кристал Палас во недела напладне, а новата 2026 година ја отвораат со гостување кај Лидс во недела во 12:30 часот по локално време. Јунајтед последен пат играше во сабота на 8 ноември против Тотнем (2-2), а следната можност за тоа е дури на 17 јануари против Манчестер Сити иако дури ни тоа не е сигурно бидејќи Премиер лигата сè уште не ги одредила датумите за третата недела од 2026 година. Можно е оваа необична серија да продолжи во втората половина на јануари.
На овој распоред влијаеја неколку фактори, а популарноста на клубот сигурно има врска со тоа, бидејќи носителите на ТВ права одлучуваат да го „влечат“ Манчестер Јунајтед во одредени термини поради рејтинзите и гледаноста:
- три натпревари на Јунајтед се избрани за „Фудбал во понеделник навечер (Monday night football)“ и ќе се играат во ТВ терминот во понеделник;
- дуелите со Палас и Лидс се поместени од сабота поради европските обврски на Палас и распоредот на Лидс;
- натпреварите против Вест Хем, Вулверхемптон и Барнли доаѓаат за време на празничен распоред кога се играат во вторник, среда и четврток;
– Боксинг деј оваа година паѓа во петок, 26 декември, кога ќе се игра дуелот со Њукасл;
– дербито со Астон Вила е закажано за недела, 21 декември, во 16:30 часот по британско време;
„Распределбата на ТВ правата во Премиер лигата е сè покомплицирана. Скај Спортс има најголем дел од „првиот избор“, додека ТНТ Спортс најчесто ги добива термините во сабота од 12:30 часот. Клубовите што играат во Европа во четврток (Астон Вила, Палас, Нотингем Форест) не можат да играат во сабота, а оние што играа во Лигата на шампионите во среда ретко играат кога играат во сабота. Јунајтед, без европски обврски, станува погоден за термините во понеделник и петок, иако ова ги фрустрира навивачите“, објаснува Џонти Колман од Би-Би-Си.
Од Јунајтед велат дека поради огромните пари што лигата им ги обезбедува на клубовите според новиот договор за ТВ права, тие ги почитуваат барањата што им се поставени, но потсетуваат дека навивачите не се задоволни и дека им е тешко да ги проследат натпреварите. Форумот на навивачи на Манчестер Јунајтед веќе испрати писмо до канцеларијата на Премиер лигата, нагласувајќи дека помеѓу 5 октомври и 25 декември имаат само еден натпревар на Олд Трафорд за време на викендите. Поради сето ова, генералниот менаџер на Јунајтед, Омар Барада, разговараше со лидерите во лигата, но нема да има промени барем до јануари 2026 година.