Серафимов: Мечот против Летонија ќе биде одлична проверка пред гостување во Велс!
Македонскиот фудбалер Никола Серафимов кажа дека репрезентацијата треба да го задржи победничкиот дух, а дуелот против Летонија ќе биде одличен тест пред пресметката со Велс.
„Пред сè, се надевам дека по натпреварот со Летонија сите играчи ќе бидат здрави, затоа што тоа што е најважно за нас во овој момент е, секако, натпреварот со Велс. Не очекувам дека стручниот штаб ќе ги „отвори картите“ на тој натпревар, ниту пак дека ќе се подготвуваат некакви тактички варијанти за мечот со Велс, токму поради таа причина, бидејќи тој натпревар е поважен. Сепак, мислам дека со победа против Летонија би влегле во дуелот со Велс во добра, победничка атмосфера, што важно во овој момент.
Мечот со Летонија ќе биде одлична проверка за нас. Потоа следува најважниот натпревар во овие квалификации против репрезентацијата на Велс. Тоа ќе биде многу тежок натпревар, сличен на оној што го одигравме тука, во Скопје. Ќе дадеме сè од себе за да ја израдуваме Македонија и да стигнеме до позитивен резултат. Кога играте против репрезентации од светска класа, најголемиот товар за време на натпреварот секогаш паѓа на одбраната. Но, многупати сум кажал дека нашата одбрана започнува од нашиот најистурен играч. Така ќе биде и овој пат и се надевам дека ќе успееме да го издржиме нивниот притисок.
Мислам дека низ овие квалификации покажавме дека нашиот пристап, без разлика на противникот, е секогаш на високо ниво. На секој натпревар одиме по позитивен резултат и така ќе биде и против Велс. Ние самите се доведовме во оваа ситуација, благодарение на нашите игри и резултати. Сметам дека очекувањата на јавноста пораснаа и тоа е добро. Но, од друга страна, сето тоа мора да го потврдиме и на терен, на секој следен натпревар. Притисокот секогаш постои кога играме за Македонија, но покажавме дека знаеме да се носиме со него“, вели Серафимов.