Шкендија им даде седум гола на младинците од Македонија ЃП, убедлив беше и Силекс против Шкупи!

Денеска се одиграа два натпревари од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Шкендија со 7-2 ја победи Македонија Ѓорче Петров која на овој меч настапи со младински состав, а Силекс со 5-1 славеше над Шкупи.

Новиот сопственик на Македонија ЃП реши да ги суспендира првотимците поради нивниот штрајк за неисплатени плати, па беше решено денеска во Тетово да играат со младинци.

Таквиот состав очекувано донесе и дебакл на тимот од Ѓорче Петров, дури седум примени гола.

Резултатот во Тетово го отвори Мазари уште во деветата минута, а седум минути подоцна Рамадани зголеми на 2-0 за Шкендија.

Етеми во 20. минута намали на 2-1, потоа следуваше промашен пенал на Адеми, но не се чекаше долго, Мелиќи зголеми на 3-1 и Шкендија замина на одморот со предност од два разлика.

Мазари и второто полувреме го почна со гол, негов втор на натпреварот, потоа за Шкендија погодија и Адеми, Белица и Љатифи, а пред самиот крај Сулејмани реализираше за Македонија ЃП за конечни 7-2.

И на вториот денешен меч сликата беше слична кога станува за силите на теренот, Силекс го торпедираше Шкупи со 5-1.

Со два гола на Алиќ и по еден на Мигуел Пирес и Мирчевски, Силекс по првото полувреме водеше со 4-0.

Рибеиро на почетокот од вториот дел намали на 4-1, а конечните 5-1 беа дело на Мирчевски со неговиот втор гол на натпреварот.