Шкупи сонува прва победа, а Силекс – враќање на победничката патека!

Екипата на Шкупи денеска гостува кај Силекс во обид да го прекине црниот резултатски низ и конечно да дојде до првата победа во сезоната.

„Чаирчани“ се последнопласирани во Првата лига со само еден освоен бод и дури десет порази, што ги прави најслаб тим во досегашниот тек на шампионатот. На клупата од неодамна е Минас Османи, кој верува дека познавањето на тимот може да донесе позитивен пресврт. Тој истакнува дека патувањето во Кратово не е формалност.

„Секој меч за нас е финале. Во Кратово одиме по бодови, а не да учествуваме. Веруваме во групата и сакаме да си дадеме причина за нова енергија“, порача Османи.

Силекс, пак, по поразот од Вардар и ремито со Брера, има можност пред своја публика да се врати на победничките патеки. Сепак, атмосферата во кратовскиот табор е внимателна и без потценување. Мартин Мирчевски нагласи дека шансата за три бода е реална, но опуштање не смее да има.

„Го респектираме Шкупи, но сакаме победа. Не треба однапред да мислиме дека е завршено. Ако секој даде максимум, ќе успееме да го вратиме ритамот“, изјави Мирчевски.

Шкендија, пак, денеска го пречекува тимот на Македонија Ѓорче Петров, кој се соочува со турбуленции по последните кадровски промени. „Лавовите“ останаа и без тренерот Бобан Грнчаров и без спортскиот директор Александар Бајевски, по трансформациите во клупската управа. Сепак, во таборот на Шкендија велат дека фокусот е само на теренот. Искусниот стопер Егзон Белица најави дека неговиот тим е целосно ориентиран кон својата игра и домашна победа.

Мечевите се играат на градските стадиони во Кратово и Тетово со почеток од 13 часот.